По вчерашниот руски ракетен напад врз Киев, голем дел од главниот град на Украина во моментов е без струја и топлинска енергија.

Поранешниот украински министер за економија Тимофиј Миланов на Твитер опиша како е да се живее во Киев без струја, греење и вода додека температурата е на нула.

„Не сум загрижен за греење додека температурата не падне под 10 степени“

„Добро утро. Во Киев е втор ден на затемнување, 247-ми ден од војната. Нема струја, нема греење, нема вода. Температурата е околу нула.

Станот ми е уште топол од претходните денови, но ќе видиме колку ќе издржи. Имаме ќебиња, вреќи за спиење, топла облека. Не сум премногу загрижен додека температурата не падне под 10 Целзиусови степени.

Проблемот се тоалетите. Имаме околу 100 литри вода на залиха. Снег има и на нашиот балкон. Тоа е изненадувачки големо снабдување со вода. Но, секогаш кога ќе одам на балкон да го земам, морам да пуштам ладен воздух во станот и тоа не е добро“, напиша Миланов на Твитер. Тој додаде дека мобилната мрежа работи, но квалитетот на сигналот варира. Тој вели има интернет.

„Ако не размислувам премногу за се, денот ми е нормален“

Поранешниот украински министер вели дека во продавниците има храна, но дека е предизвик да се плати бидејќи најголем дел од касите работат само со готовина и само неколку од нив се поврзани со прифаќање кредитни картички.

„Банкарскиот систем е стабилен, но ќе одам да земам готовина во случај телефоните или банките да паднат. Имам електричен шпорет, што значи дека нема топла храна додека не се врати струјата. Ова не е забавно.

Имаме план од два дела – прво ќе купиме батерии што се еквивалентни на домашна батерија на Tesla за да имаме струја и второ – ќе купиме опрема за готвење на плин или дрва“, рече Миланов.

Миланов вели дека на универзитетот во Киев има подземно засолниште и дека на првиот кат има генератор. „Во прифатилиштето има храна, греење и интернет, но водата е проблем. Ако не размислувам премногу за се, денот ми е нормален, само без појадок“, напиша Миланов на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.