Заканите, заплашувањата, притворањата, рестриктивното законодавство, тенденциозните тужби и контролата и нападите врз медиуми, се главните проблеми со кои се соочуваат медиумските работници денес, се наведува во Извештајот за 2024 година на Платформата на Советот на Европа за промоција на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите.
Во документот насловен „Слободата на медиумите во Европа: Време е да се спречи напливот“, се посочува и дека новинарите се предмет на незаконско следење преку софтвери за шпионажа, изложени на притисоци со поднесување на неосновани тужби за да се спречи нивната истражувачка работа и принудени да заминуваат во егзил, особено од Русија и Белорусија.
Извештајот наведува дела во текот на 2023 година партнерските организации на Платформата објавиле 285 предупредувања за сериозни закани или напади врз слободата на медиумите во Европа, што е речиси непроменето ниво во однос на претходната година, кога биле регистрирани 289 вакви случаи.
Платформата посочува дека лани се бележи намалување на бројот на убиени новинари и на уличното насилство врз медиумските работници, но тие и натаму мора да ја вршат својата работа изложени на голем број закани, притисоци и ограничувања.
Според генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, овој Извештај ги покажува зголемените ризици и пречки со кои се соочуваат новинарите и медиумите во Европа.
– Потребна ни е решителна акција на државите за заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слободата на медиумите, како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор, смета Пејчиновиќ Буриќ.
Таа воедно ги повика земјите членки на Советот на Европа да покажат силна посветеност на почитување на стандардите на слободата на медиумите и на национално ниво да ја промовираат кампањата на организацијата насловена „Новинарите се важни“.
Во Извештајот се нагласува дека слободата на медиумите и дигиталната безбедност на новинарите и понатаму се загрозени со употреба на технологии на шпионски софтвери за следење на новинарите и медиумските работници, а одговорноста за ваквите пријавени случаи и натаму е многу мала.
Во документот се нагласува и дека Европа се соочува со појава без преседан при која медиумски работници, пред се од Русија и Белорусија, се принудени да заминат во егзил поради физичка опасност по нивниот живот и слобода, судски прогон, закани и заплашувања, кои „против нив и нивните семејства често продолжуваат и откако тие ќе бидат во егзил“.
Како тренд во Европа се посочуваат и тужбите за заштита на угледот покренати од страна на политичари и бизнисмени со кои се врши притисок врз новинарите и медиумите, бидејќи се соочени со кривични пресуди и обврски за исплати на високи отштети и парични казни.
Извештајот наведува и дека значителни ефекти врз слободата на медиумите и безбедноста на новинарите има и руската агресија врз Украина, при што се посочуваат случаите на загинувањето на новинарите Бохдан Битик и Арман Солдин додека известуваа од теренот, како и ранувањето на неколкумина медиумски работници.
Дополнително, наведен е случајот на вработениот во службата за обезбедување на албанската телевизија Топ Чанел, Пал Кола, кој беше убиен при напад врз медиумот.
Заклучно со 31 декември 2023 година, во земјите членки на Советот на Европа, вклучително и на украинските територии под руска окупација, во притвор биле 59 новинари и медиумски работници. Од друга страна, само во Русија и Белорусија, кои од 2022 година се исклучени од Советот на Европа, биле притворени 65 медиумски работници, што се посочува како показател за интензивирање на репресијата врз независните новинари во овие две земји.
– Русија се врати на праксата на институционализирано задржување заложници со апсењето на американските новинари Еван Гершкович и Алсу Курмашева, се наведува во Извештајот.
Според податоците на Платформата, до крајот на 2023 година биле евидентирани вкупно 30 случаи на неказнивост за убиство на 49 медиумски работници, од кои пет нови се додадени во текот на минатата годината и тоа за Сократис Јолиас и Јоргос Караиваз во Грција, Алех Бјабенин во Белорусија, Милан Пантиќ во Србија и Јуриј Шчекочихин во Русија. Од друга страна случајот со украинскиот новинар Вјачеслав Вереми е прогласен за затворен.
Во извештајот, партнерите на Советот на Европа изразуваат поддршка на кампањата „Новинарите се важни“, што започна лани во октомври, и ги повикуваат земјите членки на Организацијата да спроведат реформи во полицискиот и правосудниот систем за целосно усогласување со Препораката на Комитетот на министри на Советот од 2016 година за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски работници.
Советот на Европа ја создаде Платформата за промоција на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите во 2015 година во соработка со истакнати меѓународни невладини организации активни во борбата за слобода на изразувањето и со здруженија на новинарите.
Целта на Платформата е да обезбеди информации кои можат да послужат како основа за дијалог со земјите членки на Советот на Европа за преземање можни мерки за заштита на новинарите и за отстранување на регистрираните негативни активности.
Актуелни партнери на Советот на Европа на Платформата се Европската федерација на новинари, Меѓународната федерација на новинари, Здружението на европските новинари, здружението „Член 19“, Репортери без граници, Комитетот за заштита на новинарите, Индексот за цензура, Меѓународниот институт за печат, Меѓународниот институт за безбедност на вестите, Фондацијата „Рори Пек“, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), Меѓународниот ПЕН центар, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, организацијата „Неограничен слободен печат“ и Фондацијата „Правда за новинарите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.