На повидок е договор за ослободување на заложниците и примирје, што би можело да ја обележи војната која трае месец и половина и однесе илјадници цивилни животи.

Според неодамнешните изјави на Катар, Белата куќа и раководството на Хамас, се чини дека договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците е многу блиску.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије рано утринава изјави дека Хамас е „блиску“ до договор за примирје со Израел. „Блиску сме до постигнување договор за прекин на огнот“, рече Ханије, додавајќи дека групата го доставила својот одговор до катарските посредници.

Официјалниот претставник на Хамас, Изат ел Решик изјави за Ал Џезира дека преговорите се за примирје што ќе трае „неколку дена“ и ќе вклучува договори за влез на помош во Газа и размена на заложници земени од Хамас за луѓе затворени во Израел.

Ел Решик рече дека договорот ќе вклучува ослободување на израелски жени и деца од Газа во замена за палестинските жени и деца од „окупациските затвори“. Ел Решик додаде дека сите детали од договорот ќе ги соопшти Катар.

Извори запознаени со преговорите за примирје изјавија дека рамковниот договор вклучува петдневно примирје, кое се состои од прекин на огнот на теренот и ограничувања на израелските воздушни операции над јужниот дел на Газа. За возврат, меѓу 50 и 100 заложници држени од Хамас и Исламски џихад, посебна палестинска милитантна група, ќе бидат ослободени. Тие ќе вклучуваат израелски цивили и затвореници од други националности, но не и воен персонал.

Катарскиот премиер во неделата изјави дека договорот за ослободување на некои заложници во замена за привремен прекин на огнот зависи од „ситни“ практични прашања.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека верува оти договорот за ослободување на заложниците е блиску. „Верувам дека е така“, рече Бајден.

Белата куќа соопшти дека разговорите се во фаза на „последни детали“, но одби да даде дополнителни детали, велејќи дека тоа може да го загрози успешниот исход.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.