Израелската армија денеска соопшти дека уништила околу половина од борбените сили на Хамас во Рафа, при што убила најмалку 550 вооружени луѓе во тоа подрачје.

Дивизијата 162 се бори во Рафа повеќе од 40 дена, откако најпрво ја презеде контролата врз источната периферија и граничниот премин кон Египет на почетокот на мај.

Во втората фаза од операцијата, десет дена подоцна, дивизијата ја презеде контролата врз бразилскиот кварт, јавуваат израелските медиуми.

Во третата фаза, армијата ја презеде контролата над целата граница меѓу Египет и Газа, позната како коридор Филаделфија, и влезе во северозападниот кварт на Тел Султан.

Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), најмалку 550 вооружени мажи биле убиени во операцијата Рафа, а тој биланс ги вклучува и оние што војниците можеле физички да ги идентификуваат по борбите.

Покрај тоа, многу оперативци на Хамас се убиени во напади врз згради и тунели, проценува армијата, но не е познато колкумина побегнале од областа Рафа кога започнала офанзивата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.