Висок украински советник и израелски функционер денеска ги оспорија медиумските извештаи во кои се сугерираше дека Израел се обидел да ја убеди Украина да попушти на руските барања за време на разговорите.

Израел е ангажиран во дипломатските напори со цел да запре војната во Украина.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во извештајот што го пренесоа израелските Вала Њуз (Walla News), Џерусалим Пост (Jerusalem Post) и американскиот портал Аксиос (Axios), се цитира неименуван украински функционер кој рекол дека Бенет ја повикал Украина да направи отстапки кон Русија.

Израел, „исто како и другите посреднички земји, НЕ ѝ нуди на Украина да се согласи со какви било барања на Руската Федерација“, напиша украинскиот советник Михаило Подољак на Твитер.

Тоа е невозможно од воени и политички причини. Напротив, Израел ја повикува Русија поадекватно да ги процени настаните, објасни тој.

Висок израелски функционер, кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето, го нарече извештајот „очигледно лажен“.

Премиерот Бенет во ниту еден момент не го советуваше претседателот Зеленски да постигне договор со Путин, затоа што таков договор не му беше понуден на Израел за да можеме да го сториме тоа, рекол функционерот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.