Израел верува дека уште 161 заложник се уште ги држи Хамас во Појасот Газа, изјавија за Си-Ен-Ен од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Како што се наведува, четворица од киднапираните се помлади од 18 години, а четворица се на возраст од 18 или 19 години, додека 10 од нив се на возраст над 75 години. Покрај тоа, 15 од нив се странци, а 146 се Израелци, дел од нив со двојно државјанство.

Во рамките на договорот со Хамас беа ослободени 60 Израелци и 20 странци. Четири жени се ослободени пред да се постигне договорот, еден војник бил спасен од израелските војници, а една Израелка со руско државјанство е ослободена поради интервенција на Русија, наведува Си-Ен-Ен.

Милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 240 заложници. Како одговор на тој напад, Израел го бомбардираше Појасот Газа и започна копнена офанзива на северот на палестинската енклава. Според здравствените власти во Газа, во израелските акции досега се убиени околу 14.800 Палестинци, а стотици илјади се раселени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.