Израел   целосно ги укина ковид сертификатите, што е продолжение на трендот на укинување на мерките против Ковид-19, со оглед на тоа што бројот на новозаразени се намалува изминатите денови.

Ковид сертификатите со кои се докажува дека некое лице е вакцинирано, прележало Ковид-19 или има негативен тест, веќе се делумно укинати во Израел од 4 февруари. Оттогаш, тие останаа во сила само за некои јавни места, како што се ноќните клубови и спортските сали.

Омикрон, многу позаразен сој на коронавирусот, го достигна својот врв во Израел кон крајот на јануари, кога дневно имаше и до 85.000 нови инфекции. После тоа, тој број почна да опаѓа и вчера имаше 21.000 заразени.

Бранот помина, изјави израелскиот премиер Нафтали Бенет на почетокот на дебатата за пандемијата со здравствените власти.

Во истото обраќање тој ја информира јавноста дека целосно се укинуваат ковид сертификатите. Бенет наведе и дека родителите сепак ќе мора да ги тестираат своите деца двапати неделно и оти ќе мора да се покаже негативен тест при посета на домовите за стари лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.