Италија ќе се прости од поранешниот премиер Силвио Берлускони на државен погреб, каде се очекуваат илјадници луѓе, меѓу кои и врвни политичари од Апенинскиот полуостров и неколку странски претставници, а во земјата е прогласен и ден на жалост.
Официјалниот погреб на 86-годишниот милијардер, кој почина во понеделникот од леукемија, ќе започне во 15 часот во катедралата во Милано.
Церемонијата треба да се емитува на големи екрани кои ќе бидат поставени на плоштадот и пред катедралата за да можат оние кои не можат да влезат да ја следат церемонијата.
Присутни ќе бидат претседателот Серџо Матарела, премиерката Џорџија Мелони и двајцата вицепремиери Матео Салвини и Антонио Тајани – број два на неговата партија Напред Италија.
Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот комесар за економија, Италијанецот Паоло Џентилони, поранешен италијански премиер.
Заедно со државното испраќање, во среда во Италија беше прогласен и ден на жалост, што, сепак, не е по вкус на сите Италијанци.
Планиран е државен погреб и тоа е во ред, но националната жалост за личност како Силвио Берлускони кој предизвика поделби ми се чини несоодветен избор – изјави Рози Бинди, поранешна левичарска министерка во владата на Романо Проди (2006-2008) гостувајќи на национално радио.
Силвио Берлускони, милијардер склон кон скандали, доминира во италијанската политика, бизнис и фудбал најмалку три децении.
Покрај тоа што четири пати беше италијански премиер, Берлускони поседуваше деловна империја вклучувајќи ја медиумската група MFE и фудбалските клубови АЦ Милан од 1986 до 2017 година и АЦ Монца од 2018 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.