Италијанската влада привремено го презеде управувањето со рафинеријата на „Лукоил“ во земјата за да обезбеди снабдување со гориво откако на 5 декември ќе стапи на сила европското ембарго за увоз на руска сурова нафта, пренесе АФП.

Рафинеријата ИСАБ со која управува „Лукоил“ е една од најголемите во Европа. Нејзиниот опстанок е во прашање, бидејќи рафинеријата беше принудена целосно да се снабдува со нафта од Русија. Стравувајќи од санкции, европските банки престанаа да ја финансираат рафинеријата и да ѝ ги даваат потребните гаранции за увоз на нафта од други земји.

Италија не успеа во обидите да преговара за дополнително ослободување од санкциите на ЕУ за рафинеријата во Сицилија, која директно или индиректно вработува 7.000 луѓе. Рафинеријата има капацитет да преработува 10 милиони тони сурова нафта годишно и обезбедува околу 20 отсто од националните потреби.

Ова е привремено решение за да се избегне „блокирање на машините и активности и последователни катастрофи за вработување“, коментираше Ренато Сцифани, гувернер на регионот Сицилија, пред министерскиот совет.

„Одлуката за ставање на компанијата под државен надзор ќе овозможи да се бараат можни купувачи, без нужно да се исклучи опцијата за национализација“, истакна тој.

„Итната интервенција има за цел да ги заштити и стратешките национални енергетски локации и нивоата на вработеност кои се толку важни за Сицилија и за целата земја“, истакна премиерката Џорџа Мелони.

Во септември Германија ја презеде контролата врз објектите на руската нафтена групација „Роснефт“, која управуваше со многу рафинерии.

Американскиот инвестициски фонд „Кросбриџ енерџи партнерс“ преговара за договор со „Лукоил“ за купување на рафинеријата, чија вредност се проценува на 1-1,5 милијарди евра, објави во четвртокот „Фајненшел тајмс“.

Бугарија и Хрватска се единствените земји од ЕУ кои успеаја да преговараат за ослободување за увоз на руска нафта по морски пат. Бугарската рафинерија на „Лукоил“ доби право да работи со руска нафта до крајот на 2024 година. Руската компанија и преодната влада на Румен Радев се обидуваат да му дадат можност на „Лукоил“ дури и да извезува нафтени деривати на европскиот пазар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.