Товарот од првиот брод со хуманитарна помош што пристигна во Појасот Газа од Кипар е истоварен и се подготвува за дистрибуција до населението на кое му се заканува глад по пет месеци војна, соопшти денеска невладината организација „Светска централна кујна“.
Пратката од речиси 200 тони храна е пренесена од Кипар со брод на шпанската невладина организација „Опен Армс“, кој во вторникот тргна од кипарското пристаниште Ларнака и вчера пристигна во Газа.
По пристигнувањето, бродот се закотви на привремен брег, а хуматитарната помош беше натоварена на 12 камиони.
Испратената храна треба да се користи за подготовка на оброци за жителите на северниот дел на Појасот Газа, каде што хуманитарната ситуација е особено тешка.
Израелската војска вчера објави дека бродот поминал целосна безбедносна проверка и дека се испратени војници да ја обезбедат областа каде што била истоварена пратката на брегот југозападно од градот Газа.
Тоа е првиот брод што пловеше низ морскиот коридор отворен од Кипар, земја на ЕУ најблиску до Појасот Газа, поради итната хуманитарна ситуација и недоволната количина на помош што стигнува по копно во таа енклава под израелска опсада.
„Светската централна кујна“ соопшти дека се товари уште еден брод со помош во Ларнака, но засега не се зане кога ќе замине за Газа.
Меѓународната заедница и невладините, сепак, нагласуваат дека поморскиот коридор и испраќањето помош од воздух со падобрани не може да биде замена за копнените патишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.