Годишната стапка на инфлација во Украина се зголемила во јуни, од 3,3 отсто во мај, на 4,8 отсто и сега е највисока од почетокот на годината, објави Државниот завод за статистика на Украина.

Во јуни цените на домувањето и комуналните услуги во Украина се зголемиле за 18,6 отсто на годишно ниво, транспортот пораснал за 13 отсто, а цените на здравството скокнале за 10,1 отсто.

Наспроти ова, во јуни цените на храната и безалкохолните пијалоци паднале за 0,1 отсто на годишно ниво. На месечно ниво инфлацијата во Украина се зголемила за 2,2 отсто во однос на мај.

БДП на Украина е за четвртина помал од оној пред руската инвазија, објави неодамна весникот „Економист“.

Народната банка на Украина во мај објави дека очекува економски раст од три проценти во 2024 година и забрзување во опсег од 4,5 до пет проценти во периодот од 2025 до 2026 година, нагласувајќи дека таков раст е можен само со значителна странска помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.