Европската унија (ЕУ) ја заврши годината со одредено олеснување бидејќи растот на цените се намали, но трошоците за живот останаа високи, објави Асошиејтед прес (АП). Индексот на потрошувачките цени за 19-те земји кои го користат еврото порасна во декември за 9,2 отсто во споредба со претходната година, што е најбавно темпо од август, објави на 6 јануари агенцијата за статистика на ЕУ, Еуростат.
Ова е втор последователен пад на инфлацијата од јуни 2021 година.Во ноември стапката падна на 10,1 отсто, додека во претходниот месец беше рекордни 10,6 отсто. Домаќинствата и бизнисите ширум Европа се оптоварени со растот на цените на енергијата од февруари, поради руската инвазија врз Украина.
Најновите податоци покажуваат дека енергетската криза засега можеби се намалува: растот на цените на енергијата е забавен на 25,7 отсто на годишна основа. Цените на природниот гас паднаа од историски највисоки нивоа минатото лето, бидејќи ЕУ главно ги наполни магацините со гас од други земји за зимата, додека повисоките температури ги намалија стравувањата од недостиг на енергија за време на грејната сезона.
Зголемените трошоци за живот доведоа до страв од рецесија и ги поттикна работничките немири ширум Европа поради тоа што платите не се во чекор со растечките цени.
Минатиот месец Европската централна банка ја зголеми референтната стапка за половина поен, малку забавувајќи го рекордното темпо на зголемување на каматните стапки, но најави натамошни зголемувања. На истиот потег се одлучија и централните банки во Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.