Инфлацијата во ЕУ и во еврозоната во мај го достигна највисокото ниво откако Евростат почна да објавува податоци, покажа најновиот извештај.

На ниво на ЕУ, инфлацијата мерена со Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) се зголемила на 8,8 отсто во мај, што е највисоко ниво од почетокот на 2001 година, кога Еуростат почна да објавува податоци.

Во април била 8,1 отсто.

Во еврозоната скокна од 7,4 на 8,1 отсто, што е највисоко ниво од 1996 година, ја потврди Европската статистичка служба проценката објавена кон крајот на мај.

Во мај минатата година таа била 2,3 отсто во ЕУ и 2,1 отсто во еврозоната.

Најголемо учество во стапката на инфлација во еврозоната имале цените на енергијата во мај, дури 3,87 процентни поени. По нив следат цените на храната со учество од 1,59 процентни поени и цените на услугите со 1,46 процентни поени.

Во мај цените на енергенсите во областа на единствената валута биле за 39,1 отсто повисоки од лани, а цените на храната пораснале за девет отсто.

Во мај, потрошувачките цени најмногу пораснале во балтичките земји, за 20,1 отсто во Естонија, за 18,5 отсто во Литванија и за 16,8 отсто во Латвија.

Двоцифрени стапки на инфлација се забележани и во Хрватска, Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Холандија, Полска, Романија и Словачка.

Најниски стапки на инфлација во мај се забележани во Франција и Малта, од 5,8 отсто.

Само во Холандија цените се зголемиле малку повеќе во мај отколку во април, се вели во извештајот на Евростат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.