Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, коментирајќи го видеото на израелско-американскиот заложник, Херш Голдберг-Полин, објавено од милитантната група Хамас, рече дека тоа е итен повик за акција и додаде дека израелската армијата нема да остави „камен на камен во напорите да ги пронајде заложниците“.

Хамас објави видео од 23-годишниот Херш Голдберг-Полин, американско-израелски младинец, кој славеше со своите пријатели на музичкиот фестивал Нова, кога Хамас на 7 октомври насилно и брутално го нападна и киднапираше.

-Хамас го држи Херш во Газа повеќе од 200 дена. Хамас продолжува да држи 133 заложници во Газа повеќе од 200 дена, во нехумани услови, рече Хагари во видео пораката.

Тој рече дека ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас низ Газа додека не се ослободат заложниците, пишува „Тајмс оф Израел“.

– Ова е итен повик за акција. Ние нема да оставиме камен на камен во нашите напори да ги најдеме нашите заложници. Ова видео со психолошки тероризам не е само потсетување на она што го направи Хамас на 7 октомври, туку и колку е болна оваа терористичка група која ги тероризира заложниците и нивните семејства, рече портпаролот на ИДФ.

Палестинското милитантно движење Хамас вчера објави видео на кое е прикажан Херш Голдберг-Полин.

Краткиот, недатиран клип покажува дека на 23-годишното момче му недостасува потколеница, но инаку изгледа здраво. Во видео-порака, тој рече дека претрпел сериозни повреди за време на нападот на 7 октомври, откако се обидел да го искористи своето тело како штит за да се заштити себеси и другите исплашени цивили, пренесуваат британските медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.