Двајцата пратеници на холандската партија Еднаквост (Денк), која ги застапува интересите на мигрантите од Турција и Блискиот Исток што живеат во Холандија, ја бојкотираа комеморацијата за жртвите од терористичките напади на Хамас во Израел, што се одржа во Парламентот во Хаг.
Во официјалното соопштение на партијата за ваквата постапка се наведува дека нејзините пратеници го сториле тоа затоа што со комеморацијата не биле опфатени и палестинските жртви од возвратните израелски напади врз Појасот Газа, иако испратиле формално барање за тоа до претседателката на Парламентот, Вера Бергкамп.
Конфликтот е поширок само од израелските жртви. Имаше загинати и во Газа, нели? Зарем тие мајки не се сметаат? Зарем тие жени не се сметаат?, изјави претставник на Денк за холандскиот весник „Телеграф“.
Партијата претходно ја критикуваше и одлуката на Владата за истакнување на израелското знаме на холандските владини институции, оценувајќи дека таа „не придонесува за деескалација“ на состојбите на Блискиот Исток. Лидерот на Денк, Стефан ван Барле дури побара од холандскиот премиер Марк Руте да ја оквалификува како воено злосторство одлуката на Израел за прекин на испораката на вода, струја и храна за Појасот Газа, но шефот на Владата го одби ваквото барање.
Инаку, покрај двајцата пратеници на Денк, Тунахан Кузу и Селчук Озтурк, на комеморацијата не присуствуваше ниту нивната поранешна сопартијка Силвана Симонс, која сега е единствената пратеничка на партијата Заедно (БИЈ1), која ги застапува интересите на Холанѓаните со африканско потекло. Лидерот на БИЈ1, Едсон Олф викендов предизвика бурни реакции во јавноста откако ги обвини Холандија и ЕУ за актуелните случувања на Блискиот Исток, поради нивната долгогодишна поддршка за Израел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.