Холандска екстремно десничарска националистичка Партија на слободата (ПВВ) ќе се приклучи на новиот сојуз на истомисленици во Европскиот парламент, соопшти нејзиниот лидер.
Наречен Патриоти за Европа, сојузот неодамна го формираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, потсетува ДПА.
Ние сме патриоти на ПВВ, ја сакаме нашата нација. Силна и суверена. Се спротивставуваме на илегалната имиграција. Ние ги браниме мирот и слободата. И ја поддржуваме Украина. Го штитиме нашето јудео-христијанско наследство. И нашите семејства, напиша синоќа на Х лидерот на ПВВ Герт Вилдерс.
– Сакаме да ги комбинираме силите во ЕП и гордо ќе се приклучиме на Патриоти за Европа!, нагласи тој.
Партијата на Вилдерс победи на парламентарните избори во Холандија во ноември минатата година. ПВВ е најголемата партија во новата десничарска коалиција која положи заклетва во вторникот. Дик Шуф, поранешен шеф на холандската разузнавачка служба, е премиер.
На јунските избори за Европскиот парламент, ПВВ освои шест пратенички места.
Партијата Фидес на Орбан, австриската крајнодесничарска Партија на слободата и популистичката чешка партија АНО беа првите членки на алијансата Патриоти за Европа кога беше промовирана кон крајот на минатиот месец.
Шпанската крајно десничарска „Вокс“ и португалската крајнодесничарска партија „Чега“, исто така неодамна соопштија дека ќе се приклучат.
Со најавата на Вилдерс, новата група ќе има европратеници од шест земји – за статус на група во Европскиот парламент потребно е членство на европратеници од најмалку седум земји.
Засега, Алтернатива за Германија (АфД) одби да се приклучи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.