Претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент, Ентони Рота, мора да поднесе оставка поради скандалот со почестувањето на поранешен припадник на СС дивизијата, велат од Варшава.

Заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Аркадиуш Муларчик, во интервју за агенцијата ПАП, изјави дека настанот е многу компромитирачки за претседателот на Долниот дом на Парламентот, како и дека се работи за недостаток на проникливост и непознавање на историјата.

Верувам дека затоа е неопходна неговата оставка, смета Муларчик.

Според него, „војниците на дивизијата Вафен СС припаѓале на најтврдокорните криминалци на германските единици, тие извршиле масовни воени злосторства, пред се против Полјаците и Евреите и извршиле неверојатно варварство“.

И денес недостатокот на недвосмислена осуда на овие личности и во исто време нивното величење претставуваат голем компромис, заклучи полскиот министер.

Претходно полскиот амбасадор во Канада Витолд Џелски изјави дека Полска никогаш нема да се согласи да ги оправда нацистите и очекува извинување за поканата и почестувањето на постар украински нацист кој служел во трупите на СС во канадскиот парламент.

Во Парламентот на Канада, во чест на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на 22 септември, меѓу другите, присуствуваше и 98-годишниот Јарослав Хунка, кого претседателот на Долниот дом на Парламентот со аплауз го претстави како „борец за независност на Украина од Русите за време на Втората светска војна“.

Се испостави дека Хунка бил поранешен член на доброволната дивизија „Галиција“ на трупите на СС, во која имало и украински националисти и која не само што се борела против Црвената армија, туку била позната и по злосторствата врз Евреите, Полјаците, Белорусите и Словаците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.