Исламистичката група Хамас објави видео на кое се гледа изјава на еден од заложниците киднапирани за време на разорниот напад врз Израел на 7 октомври.

На видеото, објавено вчера, жената, на која неидентификуван медицински работник ја покажува повредената рака, се идентификува како 21-годишната Миа Шем, која вели дека се лекува и бара да се врати на семејството што е можно поскоро, пренесува „Ројтерс“.
Претставничка на едно од француските семејства на киднапираните кои минатата недела апелираа до претседателот Емануел Макрон да помогне во ослободувањето на нивните исчезнати роднини, го потврди идентитет на девојката за „Ројтерс“.


Најмалку 199 Израелци и странци беа заробени од вооружени лица на Хамас во напад во кој загинаа 1.300 луѓе, што е најголем број на жртви во еден ден во 75-годишната историја на Израел.

Израелската војска објави соопштение во кое се вели дека е во постојан контакт со семејството Шем и го осудува Хамас како „убиствена терористичка организација“.

Се наведува дека Израел ги користи „сите разузнавачки и оперативни мерки“ за да ги врати затворениците.

„Во видеото Хамас се обидува да се прикаже себеси како хуманитарна организација и е одговорен за убиствата и киднапирањата на бебиња, жени, деца и постари лица“, се вели во соопштението на армијата.

Претходно, вооруженото крило на Хамас соопшти дека странските државјани киднапирани на 7 октомври биле „гости“ кои ќе бидат ослободени „кога ќе дозволат околностите“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.