Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари категорично ја отфрли идејата дека иранскиот напад во текот на ноќта врз Израел бил замислен како форма на демонстрација, без сериозна намера да предизвика штета, јави ДПА.

„Мислам дека Иран сакаше да постигне резултати и не ги постигна“, изјави Хагари. Тој ја опиша употребата на балистички ракети од страна на Иран како јасна ескалација.

Што се однесува до можниот одговор на Израел, воениот портпарол рече: „Ја проценуваме ситуацијата, на кабинетот му го покажуваме планот и подготвени сме да направиме се што е неопходно за да го заштитиме Израел. Земјата е подготвена за понатамошни закани од Иран“, истакна Хагари.

Според него, Иран истрелал околу 300 проектили, од кои 99 отсто биле пресретнати од Израел и неговите сојузници.

Хагари рече дека Франција е меѓу земјите кои учествувале во одбраната од нападот на Иран врз Израел.

„Франција има многу добра технологија, авиони, радари – и знам дека тие придонесоа за патролирање на воздушниот простор“, рече тој, додавајќи дека нема прецизни податоци дали француските авиони собориле некој од проектилите истрелани од Иран.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.