Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека во разговорите меѓу претставниците на Русија, Украина, Турција и на ОН е направен „значаен, суштински чекор“ кон сеопфатен договор за обновување на црноморската рута за извоз на украинското жито.

Се надеваме дека идната седмица ќе можеме да постигнеме конечен договор. Но, како што реков, потребна ни е уште многу добра волја и посветеност на сите страни – рече генералниот секретар пред новинарите во Њујорк.

Според неговите зборови, иако постои обостран ангажман кај Русија и кај Украина, „до мирот престои долг пат“.

Преговорите на претставници на Русија, Украина, Турција и на ОН за продолжување на извозот на жито од Украина преку Црното Море резултираа со договор за формирање координативен центар со што би се осигурала безбедност на рутата, соопшти претходно денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.

Тој додаде дека договорот ќе биде потпишан наредната седмица за кога е предвидена нова средба на претставниците на сите страни во преговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.