Градоначалникот на украинскиот град Херсон, Игор Кољхаев, вечерва објави дека градот на југот на Украина паднал во рацете на руската армија, јави Би-Би-Си.
Во порака преку Фејсбук, градоначалникот истакна дека „денеска во градскиот совет биле видени вооружени странци“, а на руските војници им рекол дека во тој град нема украински вооружени сили, туку само цивили и луѓе кои сакаат да живеат таму.
Тој наведе дека руските сили вовеле полициски час од 20 до 6 часот по локално време и порачале дека во градот ќе биде дозволен влез на автомобили со храна, лекови и некои други прехранбени производи.
Кољхаев посочи дека автомобилите во градот мора да возат со „минимална“ брзина и дека пешаците не смеат да се движат групно, туку на улица може да бидат заедно најмногу две лица.
Сега е така, како што е. Украинското знаме е над нас. За да остане таму каде што е, мора да ги исполниме овие барања. Немам што повеќе да кажам, додаде тој.
Би-Би-Си посочува дека не може самостојно да ја потврди оваа изјава, додека Њујорк Тајмс, исто така, вечерва објави дека Херсон е првиот голем град во Украина (близу 300.000 жители) кој го преземала руската армија по нападот на тој земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.