Голем пожар ја зафати зградата на Парламентот во јужноафриканскиот град Кејптаун. Огромен пламен излегува од покривот на законодавниот дом и облак од црн чад се крева кон небото.

Десетици пожарникари се борат со огнот. Сè уште не е јасно што го предизвикало пожарот, само неколку часа по државниот погреб на архиепископот Дезмонд Туту во катедралата Свети Џорџ, во близина на Парламентот.

Покривот е запален, а гори и зградата на Народното собрание, соопштија градските власти.

Првичните информации покажуваат дека пожарот избувнал во канцелариски простор и се проширил кон салата за фитнес – соопшти Жан-Пјер Смит, член на кабинетот на градоначалникот на Кејптаун, одговорен за безбедност.

Министерката за јавни работи и инфраструктура Патриша де Лил истакна дека пожарот во Покраинскиот совет (горниот дом на парламентот) е локализиран, но зградата на Националното собрание сè уште гори.

Ова е многу тажен ден за нашата демократија, бидејќи Парламентот е дом на нашата демократија. Парламентот е исто така стратешка клучна точка. Сите прашања ќе бидат истражени. Полицијата веќе почна истрага, форензиката е тука. Засега не можеме да кажеме од каде избувнал пожарот – нагласи Патриша де Лил.

Собранието во моментов не заседава поради празниците.

Зградата во Кејптаун се состои од три дела, најстариот датира од 1884 година. Во поновите делови, изградени во 20-те и 80-те години од минатиот век, се наоѓа Националното собрание.

Минатата година пожар опустоши дел од библиотеката на Универзитетот во Кејптаун, каде што се наоѓаше уникатна колекција на африкански архиви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.