Растот на цените на производите се чуствува насекаде, а последните податоци на европската статистичка канцеларија потврдуваат дека инфлацијата забрзано расте практично во сите земји од Унијата.

Голем број земји членки на Европската Унија бележат високи стапки на инфлација, а меѓу најголемите поскапувања забележа Естонија, која води со рекордни 19,1 отсто инфлација во месец април во споредба со минатата година. Изразито висока стапка на инфлација имаат и Литванија каде за период од една година била регистрирана 16,6 проценти инфлација, како и Чешка со 13,2 отсто.

Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 7,4 проценти во април 2022 година. Една година претходно, стапката беше 1,6 отсто. Годишната инфлација на Европската Унија беше 8,1 проценти во април 2022 година, од 7,8 отсто во март. Една година порано, стапката изнесуваше 2 проценти – објави „Евростат“.

Најниски годишни стапки или најмал пораст на цените од земјите членки на Унијата е забележан во Франција и Малта, каде инфлацијата достигнала 5,4 проценти, а слична стапка имала и Финска со 5,8 отсто.

Убедливо најмал раст на цените на производите од земјите во Европа има една од најбогатите земји, Швајцарија. На годишно ниво во Швајцарија била регистрирана инфлација од само 2,3 проценти. Но, Швајцарија останува една од земјите која важи за најскапа.

Според „Евростат“, mеѓу земјите ченки на Унијата во нашето соседво, во Бугарија на годишно ниво е забележана стапка од 12,1 отсто, а инфлација над десет проценти регистрираше и Романија – 11,7 проценти.

Од „Евростат“ посочуваат дека најголем притисок врз цените имала енергетиката, услугите, хранатата, алкохолот и тутунот и неенергетските индустриски стоки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.