Пожарникарите се борат да изгаснат голем шумски пожар околу Сан Франциско, Калифорнија, но ситуацијата се влошува поради ветровите што ги разгоруваат пламените јазици.

Според соопштение на Одделот за шумарство и заштита од пожари во Калифорнија, пожарот избувнал вчера попладне во близина на градот Трејси, околу 96 километри источно од Сан Франциско, во област составена главно од тревни ридови и каде што се очекува силните ветрови да продолжат во текот на ноќта.

Локалните власти доцна синоќа соопштија дека пожарот зафатил површина од 44,5 квадратни километри, за разлика од претходниот извештај од 40,4 квадратни километри.

Секторот за шумарство и заштита информира дека при гаснењето на пожарот се повредени двајца пожарникари.

Канцеларијата за управување со вонредни состојби во округот Сан Хоакин издаде наредба за евакуација, укажувајќи на пожарот во областа источно од автопатот 580. На жителите помеѓу патот Корал Холоу и булеварот Трејси им беше наредено да ги напуштат своите домови, а на жителите јужно од булеварот Трејси им беше кажано да бидат подготвени за евакуација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.