Шведската поморска управа (SMA) испрати предупредување поради оштетување и две истекувања на гас од гасоводот „Северен тек 1“ во сопственост на Русија во Балтичкото Море.

– Има две протекувања на Северен тек 1 – едно во шведската економска зона и едно во данската економска зона. Тие се многу блиску еден до друг, изјави портпаролот на SMA за Ројтерс.

Причините за истекувањето што се случи на североистокот на данскиот остров Борнхолм, засега се нејасни, рече тој.

Друг портпарол на SMA изјави за агенцијата дека шведските власти внимаваат дополнително за да се осигураат дека ниту еден брод не се приближува преблиску до локацијата.

Во понеделникот, Данска соопшти дека открила истекување во гасоводот Северен тек 2, во сопственост на Русија, југоисточно од Борнхолм.

Операторот на гасоводот потврди пад на притисокот на двете линии на Северен тек 1 и на Северен тек 2.

Во меѓувреме, во извештајот на весникот „Тагесшпигел“ се тврди дека германските власти се сомневаат дека нафтоводите биле предмет на намерен напад што би можело да го изврши Украина или пак Русија со намера да ја префрлат вината на Киев.

Димитри Песков, портпаролот на Владимир Путин, денеска изјави дека оштетувањата на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ можеби биле предизвикани од саботажа.

Гасоводот „Северен тек 2“ беше завршен во септември 2021 година, но никогаш не почна да се употребува комерцијално, бидејќи Берлин го стопираше своето сертифицирање на неодредено време само неколку дена пред започнувањето на воената операција на Москва во Украина.

Северен тек 1 испорачуваше гас на Европа до крајот на август, кога Русија ги намали испораките, наведувајќи ги техничките тешкотии што произлегуваат од санкциите на Западот. ЕУ тврди дека затворањето на гасоводот било политички мотивирано.

И покрај тоа што цевководите не се во функција во моментов, тие сè уште се полни со гас и се под притисок, според германската новинска агенција ДПА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.