Германската мрежна агенција ги предупреди граѓаните за прекумерна потрошувачка на гас и укажа на можните последици за резервите на гас во текот на зимата.

Ситуацијата може да стане многу сериозна доколку значително не ја намалиме потрошувачката на гас – порача директорот на Федералната мрежна агенција, Клаус Милер.

Домаќинствата и претпријатијата минатата недела потрошиле вкупно 618 гигават часови енергија, што е за 10 отсто повеќе од просекот за тој период од годината.

Без значителни заштеди во приватниот, занаетчискиот и индустрискиот сектор, на ниво од најмалку 20 отсто, ќе биде тешко да се избегне недостигот на гас во текот на зимата – порача Милер.

Домаќинствата и занаетчискиот сектор трошат околу 40 отсто од гасот, а останатиот дел отпаѓа на индустријата.

Истовремено, министерот за економија и енергетика, Роберт Хабек, тврди дека до крајот на месецот, резервоарите за гас во Германија ќе се полнат со планираниот капацитет од 95 проценти.

Тој укажа и на забрзаната изградба на инфраструктура за увоз на течен гас и нови терминали кои се градат на Балтикот и Северното Море.

Сепак, и покрај тоа, министерот апелираше до граѓаните да штедат енергија.

Во споредба со минатата година, мораме да заштедиме 20 проценти од енергијата. Прерано е да се опуштиме – изјави Хабек.

Зголемената потрошувачка на енергија во Германија е поврзана и со невообичаено ниските температури на крајот на септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.