Франција и денеска се соочува со уште еден ден на штрајкови поради контроверзната пензиска реформа што претседателот Емануел Макрон, и покрај повеќемесечните штрајкови, речиси ја спроведе.
По рекордниот број на демонстранти кои излегоа на улиците на 7 март и новите протести во саботата, денеска ќе се одржат штрајкови во време кога пратениците и сенаторите треба да го договорат конечниот текст, пред утре да се гласа во двата дома на францускиот Парламент.
Бидејќи законот влегува во завршна фаза, синдикатите се подготвени за уште еден обид да извршат притисок врз владата и пратениците да го отфрлат предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Протестите во саботата не привлекоа толку многу луѓе како претходно, а штрајковите на железничарите, рафинериите за нафта и вработените во јавниот сектор не ја парализираа земјата до степен до кој се надеваа синдикатите.
Минатиот вторник, на шестиот ден од протестите против пензиската реформа во Франција, присуствуваа 1,28 милиона лица, процени француското МВР, додека синдикатот CGT излезе со проценка за 3,5 милиони демонстранти, што е повеќе од рекордното учество на 31 јануари.
Највидливата последица од штрајковите се купиштата ѓубре на улиците на Париз бидејќи градските комунални работници не го креваат, освен во 10 квартови покриени од приватни компании каде собирањето ѓубре се одвива речиси нормално.
Министерот за транспорт, Клемент Бон, денеска соопшти дека не очекува некои поголеми проблеми во јавниот превоз, како што беше забележано при претходните штрајкови.
Ситуацијата е и политички тензична бидејќи прашање е дали Макрон може да собере доволно гласови во Долниот дом на парламентот. За усвојување на контроверзниот закон тој таму ќе бара поддршка од опозициската, конзервативна Републиканска партија (ЛР).
Покрај зголемувањето на старосната граница за пензионирање, предложениот закон предвидува и поголем стаж за целосно пензионирање и укинување на бенефициите што ги уживаат работниците во некои јавни услуги, вклучително и оние на париското метро.
Откако владата прво тврдеше дека сака да го реформира пензискиот систем за да го направи поправеден, сега тврди дека промените се неопходни за штедење и за извлекување на францускиот пензиски систем од дефицит до 2030 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.