Украинските сили употребиле ракета Патриот испорачана од САД за да соборат руски товарен авион со 65 украински воени заробеници, објави француската државна телевизија Радио Франс, цитирајќи извор од војската на Франција.

Воено-транспортниот авион Ил-76 беше соборен над рускиот регион Белгород во средата наутро. Сите во авионот – 65 затвореници, шест членови на екипажот на летот и тројца руски војници – загинаа. Руското Министерство за одбрана тврди дека авионот бил соборен од украински противвоздушни ракети.

Затворениците биле транспортирани во градот Белгород за да бидат разменети за руски војници кои се во украинско заробеништво, соопшти Министерството, додавајќи дека украинската страна била информирана за претстојниот лет.

Изворот на Радио Франс не даде никакви дополнителни информации, но тврдењето го поткрепува претходното тврдење на висок руски пратеник дека „ракетите за воздушна одбрана Патриот или Ирис-Т“ биле користени за соборување на леталото.

Министерството за одбрана соопшти дека проектилите биле лансирани од предградието Липтси во Харков, на околу 100 километри од местото на несреќата. И американскиот Патриот и германскиот систем Ирис-Т се способни да ангажираат цели од овој дострел, а Генералштабот на вооружените сили на Украина во средата соопшти дека редовно користи такви системи за да ги таргетира руските воени летови во областа, без експлицитно да признае дека го соборила Ил-76.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски не призна дека неговите сили се одговорни за соборувањето на авионот. Во изјавата во средата, тој повика на „меѓународна истрага“ за да се утврдат „сите тешки факти“ околу инцидентот.

Најблискиот чекор до признавање на вината дојде од воената разузнавачка агенција на Украина, ГУР. Во соопштението во средата вечерта, агенцијата тврди дека „не била информирана за потребата да се обезбеди безбедност на воздушниот простор“ над границата и дека не знаела дека ќе бидат транспортирани затворениците.

Белата куќа не ја коментираше наводната употреба на ракети Патриот во инцидентот. Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби во средата изјави дека САД „не се во позиција да потврдат“ какви било извештаи за нападот и дека работат на „добивање поголема јасност и повеќе информации за тоа“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во среда побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да разговара за инцидентот. Франција, која го има ротирачкото претседавање со Советот, го одби ова барање, наместо тоа свика состанок за четврток попладне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.