Францускиот министер за Европа и надворешни работи, Стефан Сежурне, изјави дека Франција веќе почнала да ги зголемува своите воени инвестиции и оти двојно ги зголемила средствата за одбрана во два закони за воени програми.

На прашањето дали го споделува стравот на одредени воени функционери дека Русија може да ги нападне земјите на НАТО во рок од неколку години и дали западните земји треба да инвестираат повеќе во нивната одбрана, Сежурне, во интервју за порталот „Вест Франс“ одговора дека, ако темата е егзистенцијална за Европската Унија, тоа значи дека од неа зависи нејзината колективна безбедност.

Во сегашниот геополитички контекст, во наш интерес е да си ги поставиме вистинските прашања, рече Сежурне.

Тој смета дека на Европската Унија и се потребни воени буџети кои ќе и овозможат да се соочи со заканата и дека европската одбрана треба да се организира на покоординиран начин.

Значи, мораме да ги зголемиме нашите напори. Темата е егзистенцијална и ние како Европејци мора да најдеме безбедносни гаранции, посочи Сежурне.

Според него, ЕУ мора да се согласи дополнително да ја здружи својата воена опрема, да создаде интеракции меѓу армиите и постепено да има поголема воена интеграција за индустриски и оперативни прашања.

Ова е очигледно дел од нашата агенда за европски суверенитет, рече францускиот министер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.