Русија ќе се соочи со колапс на нејзината економија како резултат на западните санкции кои ја казнуваат Москва за нејзината инвазија на Украина, изјави денеска францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Ќе започнеме целосна економска и финансиска војна против Русија. Ќе предизвикаме колапс на руската економија, изјави Ле Мер за радио „Франс инфо“.

Соединетите Држави и нивните сојузници воведоа санкции кон руската централна банка, водечки руски бизнисмени и функционери, вклучително и самиот претседател Владимир Путин, а исто така им забранија на некои руски банки пристап до меѓународниот платен систем SWIFT.

Руската рубља вчера забележа драстичен пад, за денеска да врати дел од загубите.

Денеска е шестиот ден од руската инвазија на Украина. Двете земји го одржаа првиот круг од мировните преговори во понеделникот, а во меѓувреме продолжија жестоките борби во неколку украински градови.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот наутро најави „почеток на специјална воена акција“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од Европската унија итен прием и ги повика руските војници да дезертираат.

Преговорите меѓу двете конфликтни страни се водеа во Белорусија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.