По добриот резултат на нејзината десно центристичка Европска народна партија (ЕПП) на европските избори што завршија вчера, актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се подготвува за второто полувреме од битката за нејзин реизбор на функцијата, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според последните изборни резултати, ЕПП освои 184 пратенички места, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници.
Трета политичка сила останува либералната група „Да ја обновиме Европа“ со 79 мандати, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 73 и екстремно десничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со 58 места. Блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) освои меѓу 52 европратеници, а Левицата 36 места.
Останатите 99 мандати во 720-члениот Европарламент им припаднаа на партиите што не се членки на ниту една европска група, меѓу кои нив се и екстремно десничарската Алтернативата за Германија (АФД), италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на словачкиот премиерот Роберт Фицо, социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и германската левичарска и популистичка Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ).
„Шпиценкандидатката“ на ЕПП, Фон дер Лајен уште синоќа во победничкиот говор пред новинарите во Европскиот парламент изјави дека околу нејзиниот реизбор има намера прво да контактира со социјалдемократите и либералите за продолжување на изградениот „конструктивен и докажан однос“ од изминатите пет години, посочувајќи дека ќе работи на формирање сојуз на силите кои се ориентирани проевропски, проукраински и про-владеење на правото.
Како реакција на ваквите пораки на Фон дер Лајен, „шпиценкандидатот“ на социјалдемократите и актуелен еврокомесар за работни места и социјални права Николас Шмит порача дека СД е подготвена да преговара за „договор за следните години“.
– Многу јасно ги слушам пораките што доаѓаат од Урсула фон дер Лајен. Апсолутно сум свесен и уверен дека постои подготвеност да работиме заедно и да се бориме за да ги најдеме вистинските компромиси, но и вистинските решенија, рече синоќа Шмит.
Фон дер Лајен уште претходно најави дека ќе се обиде да обезбеди широка поддршка за нејзиниот реизбор и за усвојување идни законски регулативи со мнозинство кое би било поголемо од она при нејзиниот прв избор во 2019 година, кога беше избрана со мнозинство од седум гласа и тоа благодарение на италијанското Движење Пет Ѕвезди. Ваквите најави на Фон дер Лајен беа протолкувани како „оставена отворена врата“ за соработка со дел од партиите од редовите на ЕЦР, пред се со Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Но, во синоќашниот говор Фон дер Лајен воопшто не се осврна на можната соработка со дел од партиите од десницата, дистанцирајќи се од идејата за формирање на некакво десничарско мнозинство. Сепак, тоа не значи дека во иднина таа нема да се обрати за помош до ЕЦР и пред се до Мелони, доколку тоа и биде потребно.
Во тој правец и белгиската европратеничка Асита Канко од редовите на Новата фламанска алијанса (Н-ВА), членка на ЕЦР, најави подготвеност за поддршка на реизборот на Фон дер Лајен, доколку како што реле, „ако има добра програма“. – Фон дер Лајен е одлична дама, изјави Канко.
За реизбор на Фон дер Лајен и се потребни 361 глас, евентуалното старо-ново мнозинство во Европскиот парламент на ЕПП, СД и либералите сега има 403 пратеници. Евентуална поддршка на реизборот најавија и Зелените со нивните 52 мандати, што води до веќе респектабилно речиси двотретинско мнозинство од 455 гласа.
Ваквото мнозинство би и овозможило на Фон дер Лајен покомфорна позиција, дури и во случај дел од пратениците на овие групации да не гласаат за нејзиниот реизбор, за што има најави дури и од нејзината ЕПП.
Лани во декември Европарламентот усвои Резолуција со која се повикува на „законски договор“ меѓу политичките групи за обезбедување мнозинство за избор на следниот претседател на Европската комисијата, кој договор би бил основа за нејзината програма за работа. Врз основа на ова социјалдемократите и либералите најверојатно ќе ја условат својата поддршка за Фон дер Лајен со вметнување во договорот на некои за нив важни законски решенија, пред се оние поврзани со заштитата на животната средина, за кои има резерви и во самата ЕПП.
Во прилог на Фон дер Лајен оди и тоа што некои од европските лидери што изразија резерви кон нејзиниот реизбор, како германскиот канцелар Олаф Шолц или францускиот претседател Емануел Макрон, кој изјави дека за претседател на ЕК би го поддржал поранешниот италијански премиер Марио Драги, постигна лоши изборни резултати, што ги ослабна нивните позиции. Во тој пакет може да се придодаде и унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија партија Фидес оствари досега најлош резултат на едни европски избори.
Од друга страна, добри резултати постигнаа отворените поддржувачи на Фон дер Лајен, како премиерите на Полска и Италија, Доналд Туск и Џорџа Мелони.
Тоа е особено важно од причина што покрај поддршката во Европарламентот, претседателот на ЕК треба да добие квалификувано мнозинство и во Советот на ЕУ, кој го сочинуваат шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.
Првата неформална средба на лидерите на ЕУ на која ќе се расправа за изборот на претседател на ЕК, но и на трите останати врвни позиции во Унијата – претседателите на Европскиот совет и на ЕП и високиот претставник за надворешна политика и безбедност, е закажана за идниот понеделник.
Од друга страна, европските избори доведоа и до внатрешни политички потреси во повеќе членки на ЕУ. Така, по веќе споменатиот лош резултат во Франција на центристичката коалиција на неговата партија Ренесанса (РЕ), која освои двојно помалку гласови од екстремно десничарскиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, францускиот претседател Макрон го распушти Националното собрание свика предвремени парламентарни избори за 30 јуни.
Во Германија, партиите од владината коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите заедно освоија едвај нешто повеќе гласови од опозициската десно центристичка Христијанско демократска унија (ЦДУ). Дополнително, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Шолц се најде на третото место, освојувајќи помалку гласови од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД). Иако, не се очекува Шолц да ја следи постапката на Макрон, сепак ваквите изборни резултати сериозно ја загрозија стабилноста на неговата Влада.
Во Шпанија, победата на опозициската конзервативна Народна партија (ПП) дополнително го засили притисокот кон социјалистичкиот премиер Педро Санчез, кој и онака се соочува со нестабилна политичка клима и кревка поддршка за неговата малцинска Влада.
Во Данска, партиите од владејачката коалиција заедно освоија речиси 15 отсто помалку гласови споредно со парламентарните избори во земјата од пред две години, а во Естонија, водечката партија во владиниот блок, Реформската партија на премиерката Каја Калас, се најде на третото место по бројот на освоени гласови.
Владејачката конзервативна Нова демократија во Грција, освои 1,1 милион гласови помалку во однос на изборите пред една година, што го наведе премиерот Киријакос Мицотакис да размислува за реконструкција на Владата.
Дури и во Унгарија, владејачката Фидес на премиерот Орбан го постигна најлошиот изборен резултат во нејзиното 14-годишно владеење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.