Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, кој се смета за еден од главните организатори на нападите врз Израел минатата година, значително ќе го ослабне Хамас.
Неговата смрт сигурно значително го ослабува Хамас, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција, по самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.
Таа го опиша Синвар како водач на терористичка организација кој бил „мозок“ на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, пренесува „Политико“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека Синвар е „одговорен за страдањата на луѓето во Газа поради неговите постапки“ како еден од главните организатори на нападот на Хамас врз Израел минатата година.
Фон дер Лајен и Мишел повикаа и на прекин на огнот во Појасот Газа, каде според проценките на ОН, речиси два милиони луѓе се соочуваат со „екстремно критични“ нивоа на глад како резултат на израелската воена офанзива.
Неколку западни лидери по убиството на Синвар, повикаа на ослободување на заложниците и крај на војната во Појасот Газа и повторно го осудија нападот врз Израел на 7 октомври минатата година.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека „нема да му недостига“ водачот на милитантите, додека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека земјата бара ослободување на сите заложници кои се уште се во Газа, пренесува Танјуг.
Потпретседателката на САД и демократска кандидатка за претседател на САД, Камала Харис оцени дека овој момент нуди шанса да се стави крај на војната во Појасот Газа.
Хамас уби околу 1.200 луѓе во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и зеде околу 250 заложници во Појасот Газа, по што Израел започна офанзива во која загинаа повеќе од 40.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.