Европското соседство е дел од нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент

Ќе ги поддржиме кандидатите за членство со инвестиции и спроведување на реформите и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе обезбедиме сите земји да бидат подготвени за членство. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.

Според неа, во денешниот свет проширена Унијата би била посилна Унија, би го зајакнала својот глас во светот, би гарантирала намалување на нејзината зависност и би обезбедила гаранции дека демократијата, просперитетот и стабилноста се раширени низ Европа.

Длабоко сум убедена дека историјата повторно не повикува. Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија нивниот слободен избор. Тие избраа слобода наместо угнетувањето, тие избраа демократија наместо зависност и некои од нив платија многу висока цена за овој избор. Затоа ние мора да го направиме нашиот избор и да искажеме посветеност дека нивната иднина ќе биде слободна и просперитетна во нашата Унија, истакна Фон дер Лајен.

Покрај, процесот на проширување на ЕУ, како свои останати приоритети таа ги нагласи обезбедувањето просперитет и конкурентност, имплементација на Зелениот договор преку усвојување Закон за чиста индустрија, поттикнување на инвестициите и изградба единствен пазар на капиталот, зајакнување на одбраната и безбедноста и продолжување на поддршката на Украина, засилување на контролата на границите и справување со илегалната миграција, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, зацврстување на социјалните права и обезбедување чесни приходи за земјоделците, изградба на посилна кохезивна политика, строга контрола на социјалните медиуми и заштита од онлајн малтретирање, пред се на малолетниците, обезбедување на родова еднаквост во платите за иста работа и заштита на жените од насилство, како и осигурување на владеење на правото и борба против корупцијата.

Таа говореше и за состојбата на Блискиот Исток, апелирајќи за прекин на насилствата во регионот, реафирмирајќи ја поддршката за мировно решение преку моделот на создавање две држави и за продолжување на хуманитарната помош за Палестинците, а најави и создавање на европски одбранбен штит од хибридните закани, кибер нападите и обидите за странско мешање во ЕУ, како и поддршка на независното новинарство.

По нејзиното обраќање започна дебата на европратениците за презентираната програма за работа на Фон дер Лајен. Гласањето за реизбор на Фон дер Лајен е предвидено за 13 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.