На декемвриското заседание на Европскиот совет ја потврдивме нашата колективна посветеност на иднина во која сите шест партнери од Западниот Балкан ќе бидат дел од нашата Унија, но за тоа како во пракса ќе функционира таа Унијата од над 30 земји. одговорот можеме да го дадеме само ние што сме внатре во ЕУ, порача денеска претседателката на Европската комисија во обраќањето пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.
– Овој Дом веќе даде храбри идеи за реформа на нашите договори. Следниот месец, Комисијата ќе ги претстави нашите идеи до Европскиот парламент и Советот на ЕУ, пред лидерската дискусија организирана од белгиското претседателство, нагласи Фон дер Лајен во обраќањето посветено на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.
Таа се осврна и на одлуката на лидерите на ЕУ за старт на преговорите со Украина, нагласувајќи дека таквото решение ги „исполнило со надеж и радост срцата на милиони Украинци“, кои, според неа, секојдневно покажуваат колку им значи Европа.
– Сега мора да се надоврземе на политичката одлука што ја донесовме на Европскиот совет. Во подготовките за пристапните преговори, го започнуваме процесот на скрининг и ја составуваме преговарачката рамка. А во меѓувреме, ќе почнеме да работиме и на сопствени реформи, за да се подготвиме за Унија од 30 плус земји членки, истакна Фон дер Лајен.
Таа потсети и дека на Самитот е донесена одлука и за започнување на пристапните преговори со Молдавија и со Босна и Херцеговина, кога ќе се исполнат потребните критериуми, а на Грузија и беше доделен кандидатски статус.
Претседателката на ЕК истакна дека последниот Европски совет ја покажал политичката волја на ЕУ да застане за Украина онолку долго колку што е потребно, но таквата одлука ќе мора да биде поддржано со соодветно, стабилно и значително финансирање во следните четири години за да се поддржи секојдневното функционирање на државата, да се стабилизира нејзината економија и таа да се доближи до Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.