По нападот на гасоводот „Северен тек“ и саботажата на германската железничка мрежа, германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фејзер, вети подобра заштита на клучната инфраструктура во Германија, а претставниците на германските градови бараат подобри информации за граѓаните во случај на недостиг од струја.

Руската агресивна војна против Украина претставува пресвртница кога станува збор за нашата внатрешна безбедност и затоа мораме да се подготвиме – изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фејзер (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) во интервју за „Зидојче Цајтунг’ (Sueddeutsche Zeitung).

Министерката кажа дека надлежните служби веќе ги зајакнале безбедносните мерки „каде што е потребно“. Таа особено ги спомена засилените патроли на крајбрежната стража во близина на важни инфраструктурни објекти.

Фејзер, исто така, најави усвојување на закон што ќе ги обврзе компаниите кои поседуваат особено важни инфраструктурни системи, како што се подводните линии, на повисоки безбедносни стандарди.

Сопствениците мора да бидат подобро осигурани од саботажа и тероризам, како и од природни катастрофи – порача Фејзер.

На почетокот на октомври, непознати сторители ја прекинаа комуникацијата меѓу возовите пресекувајќи две линии, поради што железничкиот сообраќај на северот на Германија беше во неколкучасовен прекин. Пред извесно време гасоводот „Северен тек“ на Балтикот беше оштетен од експлозии.

Претседателот на Здружението на германските градови, Хелмут Деди, ја повика владата да почне кампања која подобро ќе ги подготви граѓаните за неочекувани настани како што се големи прекини на струја.

Затемнувањето е многу реално сценарио на кое граѓаните мора да бидат подготвени – изјави Деди.

Тој заклучи дека кампањата е потребна затоа што граѓаните на Германија „досега се неискусни кога станува збор за кризи и катастрофи“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.