Европската централна банка (ЕЦБ), која ги одредува каматните стапки за 20-те земји кои го користат еврото како валута, денеска се очекува дополнително да ги намали трошоците за задолжување, откако податоците покажаа дека инфлацијата во ЕУ падна на најниско ниво во повеќе од три години.
Се очекува ЕЦБ на состанокот во Љубљана да донесе одлука за намалување на референтната стапка од 3,5 на 3,25 отсто.
Очекуваното намалување ќе биде трето од јуни годинава.
Инфлацијата во септември падна повеќе од очекуваното, на 1,8 отсто, што е првпат во последните три години да биде под целта на ЕЦБ од два отсто, а аналитичарите сметаат дека банката ќе ги намали стапките и во декември.
Еврозоната забележа бавен раст, само 0,3 отсто во вториот квартал.
Трендовите во економијата и инфлацијата поддржуваат пониски стапки, рече Холгер Шмидинг, главен економист во Беренберг банка.
Една од причините зошто инфлацијата падна низ целиот свет е тоа што централните банки драматично ги зголемија трошоците за задолжување од речиси нула проценти за време на пандемијата на коронавирус кога цените почнаа да растат. Ова се случи, прво како резултат на создавање проблеми во синџирот на снабдување, а подоцна и поради инвазијата на Украина од страна на Русија, која ги зголеми трошоците во областа на енергетиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.