Европскиот парламент во рамките на своето првото заседание по евроизборите одржани во јуни, денеска во Стразбур ќе гласа за реизбор на Урсула фон дер Лајен на функцијата претседателка на Европската комисија.

На почетокот на денешното заседание Фон дер Лајен ќе има обраќање пред европратениците во кое ќе ги претстави своите визија и планови за работа на Европската комисија за следните пет години.

По обраќањето на Фон дер Лајен предвидена е расправа на европратениците по презентираната програма за работа, по што за во 13 часот е закажано гласање за нејзин реизбор.

Гласањето е тајно, а за да биде избрана Фон дер Лајен треба да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници или 361 глас.

Фон дер Лајен беше номинирана за втор мандат на местото претседателка на Европската комисија од страна на шефовите на држави или влади на земјите членките на ЕУ на нивниот Самит одржан на 27 јуни во Брисел.

Во претходните два дена од конститутивното заседание, европратениците со 562 гласа во вторникот ја реизбраа Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години, како и 14 потпретседатели и петмина квестори на ЕП.

За потпретседатели, исто така во вторникот, беа избрани Забине Верхајен од Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ)/ЕПП, Ева Копач од полската Граѓанска платформа (ПО)/ЕПП, Естебан Гонзалес Понс од шпанската Народна партија (ПП)/ЕПП , Катарина Барли од Социјалдемократската партија на Германија (СПД)/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), Пина Пичерно од италијанската Демократска партија (ПД)/СД, Виктор Негреску од романската Социјалдемократска партија (ПСД)/СД, Мартин Хојсик од Прогресивна Словачка (ПС)/Да ја обновиме Европа (РЕ), Кристел Шалдемозе од данската партија Социјалдемократи (С)/СД, Хави Лопез Фернандез од Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ)/СД, Софи Вилмес од белгиското Реформско движење (МР)/РЕ, независниот романски европратеник член на групацијата на Зелените, Николае Штефануца, Робертс Зиле од летонската Национална алијанса (НА)/Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Антонела Зберна од Браќа на Италија (ФДИ)/ЕЦР и Јунус Омаржи од партијата Непокорна Франција (ЛФИ)/Левица.

За квестори, пак, вчера беа избрани Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/ЕПП, Марк Ангел од Социјалистичката работничка партија на Луксембург (ЛСАП)/ СД, Миријам Лексман од словачкото Христијанско демократско движење (КДХ)/ЕПП, Фабиен Келер од француската партија Ренесанса (РЕ)/РЕ и Косма Злотовски од полската партија Право и правда (ПИС)/ЕЦР.

Трите партиски групации кои застанаа зад номинацијата на Фон дер Лајен – ЕПП, СД и РЕ заедно имаат 401 европратеник или 40 повеќе од неопходните 361 за нејзин реизбор. Доколку се земе предвид дека потпретседателите и квесторите од редовите на ЕПП, СД, РЕ, но и од групата на Зелените, која има 53 пратеници, беа избрани уште во првите кругови со апсолутно мнозинство гласови, се очекува Фон дер Лајен да ги обезбеди неопходните гласови за да биде реизбрана на функцијата.

Дополнително, можно е за нејзиниот реизбор да гласаат и европратеници од партии што не се дел од ниту една групација, како што беше случај со италијанското Движење Пет ѕвезди (М5С) при нејзиниот прв избор во 2019 година, но и членови на групацијата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Доколку, сепак Фон дер Лајен не ги добие потребните гласови, Европскиот совет во рок од еден месец мора да предложи нов кандидат, кој повторно треба да биде поддржан од мнозинството од вкупниот број европратеници. Постапката се повторува се додека некој од кандидатите предложени од Советот не биде избран со потребното мнозинство од страна на Европарламентот.

Политичките аналитичари во Брисел сметаат дека доколку Фон дер Лајен не го обезбеди потребното мнозинство за реизбор, што би било сценарио без преседан, тоа ќе претставува тежок удар за нејзината натамошна кариера, но и „катастрофа“ за кредибилитетот на Унијата и ќе ги принуди лидерите на ЕУ да бараат алтернатива за неа. Токму стравот од хаос и потребата за политичка стабилност во услови на војната во Украина, унгарското претседавање со ЕУ и можната промена во американската администрација во ноември, според аналитичарите, одат во прилог за реизбор на Фон дер Лајен.

Поранешниот претседател на Еврокомисијата Жозе Мануел Барозо, кој во два мандати раководеше со извршното тело на ЕУ, во неодамнешно интервју изјави дека има некои луѓе кои никогаш нема да гласаат за Фон дер Лајен, затоа што едноставно не сакаат Европската Унија да функционира. Но, за среќа, според Барозо, има и други луѓе кои сакаат ЕУ да функционира и тие ќе ја поддржат, затоа, што како што нагласи, „не постои соодветна алтернатива за Урсула фон дер Лајен“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.