Најмалку 177 украински воени заробеници убиени во Русија, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс во Стразбур за време на дебатата во Европскиот парламент за воените злосторства на Русија.
– Минатата недела добивме извештај дека девет украински воени затвореници биле застрелани близу Курск од руските војници. На 1 октомври започна истрага за убиството на уште 60 воени затвореници кои се предале во Доњецк, изјави Рејндерс пред европратениците.
Тој додаде дека украинските заробеници биле изложени на физичко насилство, сексуални злоупотреби, понижување и глад, што е неприфатливо.
– Русија не го почитува меѓународното право и особено меѓународното хуманитарно право. ЕУ ја повикува Руската Федерација да се придржува до меѓународното хуманитарно право, да го запре убивањето и тортурата на украинските воени заробеници и да обезбеди хуманитарен пристап до нив, нагласи Дидие Рејндерс.
Тој ја изрази поддршката на ЕУ за Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина да спроведе истрага за воените злосторства извршени од Русија во Украина.
– ЕУ инсистира на свикување специјален трибунал за овие злосторства, додаде европскиот комесар за правда и вети поддршка за напорите за враќање дома на незаконски приведените.
Потоа следеа говори на европратеници од различни политички групи.
Сандра Калниете од Европската народна партија исто така повика сите одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата.
– Украина мора да победи. Затоа, апелираме да се укине забраната за Украинците да користат ракети со долг дострел. Затоа што мораме да ставиме крај на сите овие закани, рече таа.
Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите исто така побара одговорните да бидат изведени пред Меѓународниот кривичен суд.
– Западна Европа отсекогаш одржувала добри односи со империјална Русија. И таму, се чини, наивно веруваат во една убава слика на Русија, веројатно како резултат на тоа што за време на Втората светска војна сојузниците работеа заедно со Русија. Но, мора да знаеме дека во Русија има ужасно многу оружје, вклучително и боеви глави, кои се натрупани околу границата, а таквите ѕверства ќе ги гледаме уште долго, изјави Томаш Бучек од „Патриоти за Европа“.
„Руската армија систематски убива украински воени заробеници. Во моментов има над 110 познати случаи. Ова е геноцид извршен од Русија врз Украинците. Ова треба да биде казнето со меѓународното право. Секој убиец на воен заробеник мора да биде кривично гонет, коментира Петрас Аустревичиус од „Обнови Европа“.
Сергеј Лагодински од групата Зелени исто така изрази мислење дека она што се случува е во спротивност со сите правила на меѓународното и военото право.
– Смртта во такви услови во затворите е убиство. Пред да повикаме на ослободување на овие луѓе, мора да повикаме да останат живи, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.