По повеќечасовни советувања, 27-те шефови на држави или влади на членките од ЕУ најавија поддршка на Украина, но нема да има нејзин брз прием во Унијата.
Иако во декларацијата од Самитот на ЕУ во францускиот Версај се вели дека „Украина припаѓа на нашето европско семејство“, сепак, на Киев не му се дадени конкретни ветувања во поглед на брз прием во Европската унија.
Во поглед на барањето за прием на Украина, доставено на 28 февруари, во соопштението на ЕУ се вели дека „Советот дејствуваше брзо и побара од Комисијата да даде мислење во согласност со договорите“.
Но дотогаш, без никакви одложувања, се планира продлабочување на партнерството „заради поддршка на Украина на европскиот пат“.
Воедно, лидерите на ЕУ, кои се собраа на самитот во Версај во екот на војната во Украина, се согласија значително да ги зголемат трошоците за одбрана на земјите од ЕУ и заеднички да развијат и да купат ново оружје.
Ова е првпат на самит на ЕУ да се донесе одлука за воени трошоци. Претходно, овие прашања беа во доменот на НАТО, додека ЕУ постојано го нагласуваше својот фокус на економијата.
„Мораме решително да инвестираме повеќе и подобро во одбранбените капацитети и иновативните технологии. Затоа, се согласивме значително да ги зголемиме трошоците за одбраната, со значителен удел за инвестиции, фокусирајќи се на идентификуваните стратегиски недостатоци и со одбранбените капацитети развиени на заеднички начин во рамките на Европската Унија“, стои во декларацијата.
Исто така, ЕУ си постави цел – за пет години да се оттргне од руската енергетска зависност. Ова го предвидува Декларација за ставање крај на зависноста од увоз на руски гас, нафта и јаглен до 2027 година. Од Версај беше порачано дека ова е стратешка инвестиција во безбедноста и независноста на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.