Потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова изјави дека Европската комисија се подготвува за, можеби, осум милиони бегалци од војната во Украина, кои најмногу ќе престојуваат во земјите од Централна Европа кои им се културно и јазично поблиски и каде што имаат роднини.
Досега најголемата бројка е осум милиони украински бегалци. Таа бројка ја видов во подготвителните материјали. Ваков бран од непосредна близина не сме доживеале. Европската унија издвои 400 милиони евра за помош на бегалците кои веќе се во оптек. На земјите-членки им беше кажано дека можат да користат кохезиони фондови, изјави Јурова за чешкиот јавен телевизиски сервис.
Според Јурова, прашање е дали системот за релокација би помогнал во случајот со бегалците од Украина, која е зафатена од војна. – Прашањето е дали тие би го сакале тоа. Засега бараат пат до своите роднини и познаници. Најмногу во централноевропските земји кои им се поблиски по јазик и култура како Полска, Словачка, Чешка, Романија, рече Јурова.
Полските власти најавија дека бројот на бегалци кои пристигнуваат во Полска со брзина од над 100.000 дневно ќе значи дека нивниот број денеска ќе надмине еден милион.
Чешката еврокомесарка потсети дека покрај хуманитарната помош и приемот на бегалците, ЕУ и помага на украинската војска финансиски и со оружје, што е пресврт бидејќи ЕУ тоа никогаш не го направила, но бара и неутрален посредник за да заврши војната што е можно поскоро.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, смета дека тоа е Кина. Западот сега е неизмерно обединет. ЕУ зборува со ист глас, а ние ги правиме истите работи како Велика Британија, САД, Јапонија, објасни Јурова зошто не може ниту една западна земја да прифати посредување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.