Западните влади се главниот виновник за „масакрот“ во опколениот Појас Газа, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на големиот пропалестински митинг во саботата во Истанбул, без да именува ниту една земја.

Сите знаат дека Израел е само пион во регионот кој ќе биде жртвуван кога ќе дојде денот, им порача турскиот лидер пред илјадниците поддржувачи во говорот, пренесе ДПА.

Ердоган го обвини Израел за „вршење воено злосторство“, а западните политичари за „легитимирање“ на акциите против палестинскиот крајбрежен појас.

Уште колку деца, жени, стари лица треба да умрат за да можете да повикате на прекин на огнот? рече тој, носејќи шал во боите на палестинското и турското знаме.

Ердоган оваа недела го заостри тонот против Израел. Тој ги откажа плановите да го посети Израел и ја нарече милитантната група Хамас, која ја контролира Газа, борци за слобода, а не терористи.

Турција има историска должност да ги брани правата на Палестинците, рече Ердоган и го повика Израел „вратата за дијалог да ја држи отворена“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.