По стагнацијата на почетокот на годината, растот во Еврозоната до крајот на 2023-та најверојатно ќе остане ограничен, поради што прогнозата за годишниот економскиот раст, што ќе биде објавена во септември, веројатно ќе биде помалку оптимистичка отколку јунските предвидувања, порача еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.

Во јуни Европската комисија предвиде раст на економијата во Еврозоната во 2023 година од 1,1 отсто, но според најавата на Џентилони, новите прогнози што треба да бидат објавени на 11 септември, веројатно ќе укажуваат на помал очекуван раст.

Ваквиот намален оптимизам за економскиот раст се должи на зголемените трошоци за задолжување, падот на довербата на бизнисот и потрошувачите и големата инфлација, која и покрај намалувањето и натаму има висока стапка.

Според аналитичарите, сето ова укажува дека граѓаните на ЕУ и претстојнава зима ќе се соочат со големи трошоци за живот, чиј раст започна со ковид пандемијата, а потоа продолжи и со руската инвазија врз Украина.

Банките во еврозоната можат да очекуваат поголеми загуби доколку климатските ризици не се ублажат, а најголеми ќе бидат во земјите со чести природни катастрофи.

Европската централна банка (ЕЦБ) во четвртокот ја зголеми основната камата на 3,75 отсто, што е највисока стапка од воведувањето на еврото во 1999 година, во обид да ја намали високата инфлација. Ваквата висока стапка се одрази и на каматите на банките, што претставува дополнителен трошок за граѓаните кои имаат кредити, но во исто време го пригушува и растот.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард посочи дека е можно ова да биде последно зголемување на каматната стапка годинавата поради опасноста од рецесија, но дека не може да се каже ништо со сигурност пред следната средба на раководителите на централните банки во септември.

Целта на растот на каматните стапи е да се стимулираат бизнисите и домаќинствата да штедат повеќе и да трошат помалку, што по правило го забавува економскиот раст. Високите камати постигнаа резултати во битката со инфлацијата која во јуни се намали на 5,5 проценти, што е речиси двојно помала стапка во споредба со онаа во октомври 2022 година, кога достигна рекордното ниво.

Високите камати резултираа и со намалување на обемот на кредити подигнати од страна на деловините субјекти, чија вредност во вториот квартал годинава достигна историски најниско ниво, како и со пад на побарувачката на заеми од страна на домаќинствата.

Во последниот квартал од 2022 година економијата на еврозоната забележа пад, а само благодарение на добрите статистички резултати на Ирска таквиот тренд беше ублажен во првото овогодишно тромесечие. Резултатите за економскиот раст во вториот квартал треба да бидат објавени утре и според аналитичарите, најверојатно нема да остават простор за преголемо задоволство.

Референдум за усвојување на еврото би претставувал гласање за излез на Бугарија од ЕУ, смета поранешниот бугарски заменик министер за финансии, Љубомир Дацов.

Клучниот показател за економското расположение во еврозоната, индексот на доверба на деловните субјекти и потрошувачите, во јули се намали за 0,8 индексни поени на 94,5. Падот најмногу се должи на намалувањето на индексот на доверба во Франција за 2,3 индексни поени и во Германија за 2,1 поени.

Меѓународниот монетарен фонд неделава ја ревидираше својата прогноза за годишниот глобалниот раст во надолна линија, додека за еврозоната предвиде раст од 0,9 проценти. Од друга страна, Институтот за светска економија од Кил предвиде дека Германија, најмоќната економија во ЕУ и еврозоната, годинава ќе ја заврши во блага рецесија, со пад на производството од 0,3 отсто. Ваквата состојба на германската економија несомнено ќе има негативни ефекти врз побарувачката во Европа.

Сепак, и покрај двете последователни стапки на негативен квартален економски раст, што технички ја воведе Евозоната во рецесија, таа сепак беше помала од стравувањата, главно благодарение на пакетите за фискални стимулации и помошта од фондовите на ЕУ кои ги одржуваа високите нивоа на побарувачка и вработеност.

Економистот во „Голдман Сакс“, Филипо Тадеи оцени дека и покрај надолните ревизии на прогнозите за економскиот раст за 2023-та, Еврозоната сепак ќе ја заврши годината со „низок раст, но не и во рецесија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.