Банките во еврозоната очекуваат дополнително заострување на условите за одобрување кредит во четвртото тромесечје и прогнозираат послаба побарувачка при забавување на економскиот раст и повисоки каматни стапки, покажа истражувањето на Европската централна банка.

Се чини речиси извесно оти еврозоната ќе западне во рецесија зимава, очекувањата нагло се влошуваат, што значи дека банките може да станат поизбирливи кога станува збор за одобрувањето заем, што дополнително ќе го продлабочи падот на активноста.

„Во четвртото тромесечје од 2022 година банките во еврозоната очекуваат значително поизразено нето заострување на кредитните стандарди за заеми на компании“, заклучи ЕЦБ врз основа на истражувањето во 153 банки.

Утврдено е дека банките во еврозоната очекуваат кредитните стандарди да бидат дополнително заострени и за станбени и за потрошувачки кредити.

Според анкетираните банки, стандардите за одобрување кредит веќе се заострени поради подигањето на каматните стапки од страна на ЕЦБ, а повисоките трошоци за задолжување истовремено почнаа да ја намалуваат побарувачката.

Со цел да ја стави под контрола инфлацијата, централната монетарна институција на еврозоната годинава ги подигна каматните стапки за 1,25 процентни поени, а на седницата во четврток би требало повторно да ги зголеми, веројатно за три четвртини од процентен поен. Циклусот би требало да продолжи и наредната година.

Во преостанатите три месеци од годината, банките истовремено очекуваат пад и на побарувачката за корпоративни кредити и понатамошен „силен нето пад“ на барањата за хипотекарни заеми, додаваат од ЕЦБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.