Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика лидерите да се приклучат на планот од шест точки за одговор на руската инвазија на Украина, што предвидува хуманитарна поддршка за Украина, како и предизвикување најголема можна економска штета на Москва.

Пред средбите со лидерите на Канада, Холандија и од Централна Европа во Лондон следната недела, Џонсон вчера кажа дека инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин мора да доживее неуспех и дека мора да се види дека не успева.

Не е доволно да се покаже поддршката за меѓународниот поредок темелен на правила, ние мора да го браниме од континуираните обиди правилата наново да се пишуваат со употреба на воена сила – рече Џонсон.

Тој, исто така, ги истакна своите цели, вклучувајќи го и создавањето меѓународна хуманитарна коалиција за Украина, поддршка на нејзината самоодбрана и зголемување на економскиот притисок врз Москва.

Британскиот премиер, исто така, повика на воспоставување дипломатски патишта за деескалација со целосно вклучување на украинската Влада, поголема безбедност во евроатлантската област, како и на запирање на „ползечката нормализација“ на руските активности во Украина.

По средбите со канадскиот и холандскиот премиер во понеделник, Џонсон ќе биде домаќин на лидерите на Чешката Република, Унгарија, Полска и Словачка, земји каде што има украински бегалци.

Велика Британија планира да ги забрза санкциите кон руските бизнисмени преку нови законски мерки што утре ќе ги испрати до парламентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.