На азиските берзи утрово се тргува внимателно бидејќи развојот на ситуацијата во повеќето економии во светот не поддржува поризични инвестиции, додека вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна ново највисоко ниво во последните 20 години.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,4 отсто околу 6:30 часот.
Истовремено, на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Австралија и Шангај се зголемени за 0,1 отсто. На азиските берзи има претпазливост бидејќи новите макроекономски податоци укажуваат на натамошно забавување на растот на кинеската економија, што може да има негативно влијание врз другите економии во регионот.
Покрај тоа, инвеститорите се загрижени за ситуацијата во Европа, каде енергетската криза може да предизвика рецесија. За време на викендот, Германија објави дека планира да потроши 65 милијарди евра за заштита на граѓаните и бизнисите од зголемените трошоци, додека Финска и Шведска понудија финансиски гаранции за да ги одржат енергетските компании отворени.
Сето тоа е последица на недостигот на енергенси и силното зголемување на нивните цени поради војната во Украина. Дополнително, поради високата инфлација, се очекува дополнително агресивно зголемување на каматните стапки и во САД и во Европа, што дополнително ќе го забави растот на економиите.
На валутниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути дополнително порасна, откако растеше три недели по ред, достигнувајќи ново 20-годишно ниво. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава достигна 110,08 поени, додека во петокот навечер беше 109,50 поени.
Еврото е под притисок бидејќи рускиот енергетски гигант Газпром во петокот соопшти дека нема да продолжи со испораките на природен гас за Германија преку Северен тек 1 поради истекување масло. Тоа може да ја продлабочи енергетската криза во еврозоната и да ја турне економијата во рецесија. Од друга страна, рекордно високата инфлација во зоната ја притиска Европската централна банка за агресивно заострување на монетарната политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.