Новородените бебиња во најголемата болница во Газа, Ал Шифа, се во сериозна опасност, бидејќи условите и натаму се влошуваат, изјави денеска генералниот директор на болницата во Газа, Мухамед Закут.
Тој истакна дека медицинската установа е евакуирана, но надвор од болницата нема простор за преместување на 40 инкубатори, објави Си-Ен-Ен.
Сликите објавени од болницата на почетокот на оваа недела покажуваат како новороденчиња се вадат од инкубаторите, поради прекин на струја за време на израелското бомбардирање и блокада на Газа, и се наредени едно до друго на кревет.
„Итно ни треба теренска болница во градот Газа“, изјави Закут за Ал Џезира.
Египетскиот министер за здравство Калед Абдел Гафтар изјави вчера дека со палестинската Црвена полумесечина се обидува да го координира трансферот на 36 новороденчиња.
Тој додаде дека Египет има амбулантни возила, опремени со преносни вентилатори, кои чекаат на граница да ги примат бебињата и веднаш да ги префрлат во болниците.
Сепак, Закут нагласи дека механизмот за трансфер на пациенти во Египет е исклучително бавен, тврдејќи дека Израел ги одбива листите на пациенти за трансфер. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека понудиле да се обидат да ѝ обезбедат на болницата Ал Шифа инкубатори и вентилатори за предвремено родени бебиња. ИДф истакна дека војската доставила инкубатори и медицински материјали во болницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.