Во делови на Украина се уште нема струја и греење, откако руската војска изминатата ноќ изврши масовен напад со проектили и беспилотни летала врз повеќе градови – вклучувајќи ги Киев и Одеса – при што на удар беше енергетската инфраструктура.

Ова беше најголемиот руски воздушен напад врз Украина во последните три месеци, со лансирани 120 проектили и 90 беспилотни летала, при што загинаа седум лица, а предизвикана е и голема штета на електричната мрежа.

Украинскиот претседаел Володимир Зеленски на Телеграм објави дека воздушната одбрана ги пресретнала повеќето проектили и дронови, но призна дека има штети на цивилни објекти и на енергетската инфарстуктура.

– Нашата противвоздушна одбрана уништи повеќе од 140 воздушни цели. За жал, има оштетувања на објекти од ударите и паднатите остатоци од урнатите проектили и дронови, рече Зеленски.

Посочи дека руските напади првенствено биле насочени кон енергетската инфраструктура низ целата земја, што резултирало со прекин на електричната енергија во одредени области.

Украинските власти соопштија дека се запалени две станбени згради во Киев, а експлозии се забележани и во Запорожје, Днипро, Криви Рих и Одеса.

Во неколку области, напојувањето е исклучено како мерка на претпазливост за да се спречи потенцијално преоптоварување на мрежата доколку бидат погодени енергетските капацитети.

Руското Министерство за одбрана потврди дека намерно била гаѓана електроенергетската мрежа на Украина, бидејќи целната инфраструктура ја снабдувала украинската индустрија за оружје со електрична енергија.

Денешните руски напади се случуваат на речиси 1000 дена од почетокот на војната во Украина.

Укринформ, повикувајќи се на податоци на Хјуман рајтс воч, објави дека само во изминатиот месец во Украина загинале 183 цивили, а 903 биле ранети. Од почетокот на руската инвазија, пак, убиени се вкупно 12.162 цивили, а 26.919 се повредени.


МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.