Неколку земји членки на Унијата, предводени од Австрија и Италија, предлагаат Сирија да биде прогласена за „безбедна земја“, со што оние кои ќе побегнат од оваа држава повеќе не би можеле да добиваат статус на „лица под меѓународна заштита во ЕУ“, а би можело и да се иницира депортација на Сиријците кои се наоѓаат во блокот во нивната матична држава.

Во прилог на ваквата идеја австрискиот канцелар Карл Нехамер оцени дека тоа што околу 200.000 лица пребегале од Либан на сириска територија по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, претставува доказ дека „Сирија е безбедна држава“. – Сирија сега се третира како безбедна во многу сфери, рече Нехамер.

Група на европски лидери, предводени од италијанската премиерка Џорџа Мелони, пак, вршат притисок врз Брисел за нормализирање на врските со режимот на сирискиот претседател Башар Асад со што би се олеснило враќањето на сириските бегалци во ЕУ во Сирија.

Од друга страна повеќе меѓународни организации тврдат дека Сирија и натаму не е безбедна земја. Лани околу 180.000 Сиријци по првпат аплицирале за азил или привремен престој во ЕУ, што претставува значително зголемување во споредба со 2022 година, кога вакви барање поднеле околу 130.000 лица од Сирија.

Од оние Сиријци кои лани аплицирале за азил во ЕУ, позитивен одговор добиле околу 120.000 лица, со што тие остануваат најголема група на апликанти за меѓународна заштита во Унијата, пред Авганистанците со 67.170 и Венецуелците со 42.340.

Приливот на сириски бегалци во ЕУ се интензивира во 2015 година кога околу еден милион Сиријци се упатија кон Европа, а тогашната германски канцеларка Ангела Меркел прогласи „отворени врати“ за нивен прием во Унијата. Од тогаш кон ЕУ се упатија речиси 4,5 милиони Сиријци, што претставува околу една петтина од вкупната популација на Сирија пред почетокот на конфликтот, од кои до лани статус на „лица под меѓународна заштита“ во блокот добија околу 1,3 милиони.

Противниците на идејата за прогласување на Сирија за „безбедна држава“ посочуваат и дека во првите шест месеци од 2024 година над 90 отсто од сириските апликанти добиле статус на бегалци или лица по заштита во ЕУ, што, според нив, укажува дека „властите препознале оти тие би можеле да бидат изложени на значителен ризик доколку се вратат во нивната земја“.

Агенцијата за азил на Европската Унија (ЕУАА) една земја ја дефинира како безбедна доколку во неа се практикуваат демократски закони, а „политичките околности генерално и постојано не водат кон прогон, тортура, нехумано или понижувачко постапување или казнување или закана од неселективно насилство“.

Во последното упатство на ЕУАА за Сирија, од април годинава, се посочува на „закани од милитантни групи“, а Владата на Асад е наведена како „главен актер на прогон и нанесување сериозна штета во земјата“. Дополнително се оценува дека регионот на Алепо, најнаселената област во Сирија, „самото присуство на цивили“ би претставувало „реален ризик од сериозна штета“ и затоа останува основата за доделување на меѓународна заштита на лица од оваа земја



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.