Најмалку четири лица загинаа во поплавите и свлечиштата во Швајцарија и северна Италија предизвикани од силните бури, соопштија тамошните власти.
Телата на три лица се извлечени по лизгање на земјиштето во долината Маџа во швајцарскиот кантон Тичино. Евакуирани се камповите покрај реката Маџа, а се урнал и дел од малиот патен мост Вислето. Едно лице исчезнало во блиската долина Лавизар.
Понатаму на север, реката Рона се излеа од своите корита во неколку области на кантонот Вале и ги поплави автопатот и железничката линија.
Полицијата соопшти дека имало особено обилни врнежи во долините јужно од Рона, а телото на маж чиј партнер го пријавил како исчезнат било пронајдено денеска во хотел во алпското одморалиште Сас-Грунд.
Уште еден маж се води како исчезнат од саботата вечерта во областа Биен, во долината на Рона, во близина на италијанската граница, соопшти полицијата.
Поплави, грмотевици и свлечишта погодија и различни региони во северна Италија. Пожарникарите соопштија дека извршиле околу 80 спасувачки операции, евакуирајќи десетици луѓе во северниот регион Пиемонт.
Помеѓу Монтанаро и Сан Бенџо Канавезе, двајца возрасни и едно тримесечно девојче беа спасени откако беа пронајдени заглавени во автомобил, соопштија пожарникарите. Неколку села се изолирани поради прелевање на потоци, бури и лизгање на земјиштето во регионот Вале Д’Аоста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.