Полската нуркачка група „Балтиктек“ објави дека минатата недела откриле место на бродолом којшто се случил во 19 век, во Балтичкото Море, кај шведскиот брег. Бродот бил натоварен со сандаци со шампањско.

Потонатиот брод е натоварен со сандаци со шампањ, минерална вода и порцелан… Пронајдовме околу сто шишиња шампањско. Нуркам 40 години, често се случува да има ковчег или два, но остаток од брод со олкав товар – ваков наод не ми се случил досега, изјави Томаш Стачура, одговорен шеф на нуркачите.

Наоѓалиштето е на околу 20 наутички милји јужно од шведскиот остров Оланд. Нуркачите, инаку, со години се на дното на Балтичкото Море, барајќи потонати бродови и други наоди.

Истражувавме нови места од чиста љубопитност и тогаш наидовме на овој потонат брод, појасни водечкиот нуркач.

Наоѓањето на минералната вода во затворени глинени шишиња овозможило да се утврди дека бродот потонал во втората половина на 19 век.

Успеавме да го фотографираме печатот на шишето, коешто, се покажа, припаѓа на германскиот бренд „Селтерс“. Овие печати во тоа време имале специфичен облик, додаде Стачура.

Нуркачите ги информирале шведските обласни власти за новото откритие. Според наводите, шампањот нема да биде извлечен во скоро време поради административни ограничувања.

Тука лежел 170 години, па нека остане така уште една година. Ќе имаме повеќе време правилно да се подготвиме за оваа операција, заклучи Стачура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.